Новости
ROMACTED ги собра сите чинители за инклузија на Ромите
- Детали
- Објавено: Петок, 09 Ноември 2018 09:07
- Посети: 1520
Усогласување на работата за инклузија на Ромите и подобрување на синергиите, поттикнување координација меѓу засегнатите страни и воспоставување практика за организирање средби на шест месеци или по потребата беа главните цели на координативниот состанок во рамки на програмата ROMACTED. Состанокот, кој се одржа на 25 октомври 2018 во просториите на Министерството за труд и социјална политика во Скопје, ги собра претставниците на меѓународните организации, ромските невладини организации и релевантните министерства за споделување на информации/активности поврзани со проекти и предизвици со кои се соочуваат во текот на процесот на имплементација.
ROMACTED тимот го иницираше сотанокот за да не се преклопуваат активности и проекти кои се организаираат во ресорните министерства, невладините организации и останатите засегнати страни. На овој состанок присуствуваа претставници од Министерството за труд и социјална политика, од кабинетот на министерството без ресор Аксел Ахмедовски, Делегација на Европската Унија во "поранешната Југословенска Република Македонија", Програмската Канцеларија на Советот на Европа во Скопје, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Програмата за развој на Обединетите нации - УНДП , Меѓународната организација за миграција - ИОМ Скопје, Фондацијата Отворено Општество во Скопје - ФИОМ, Институтот за европска политика Скопје - ЕПИ, Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit GmbH - ГИЗ Скопје, Ромалитико, InSoC - Иницијатива за социјални промени, Ромски образовен фонд Скопје, Ромски Ресурсен Центар, Здружение Правници Роми, Ромаверзитас Скопје, КМОП Скопје, Национален ромски центар - Куманово, Ромска иницијатива за развој на претприемништво - РЕДИ како и ROMACTED организација за поддршка на демократски развој на Ромите "Сонце".
Домаќин и претседавач со состанокот беа претставници на Министерството за труд и социјална политика. Воведно обраќање одржа Никола Бертолини, шеф на секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија во Скопје и Моника Мартинез, шеф на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје. Средбата ја модерираше Мабера Камбери, раководител на Секторот за координација и техничка помош во кабинетот на Министерот за труд и социјална политика.
ROMACTED програма има цел да изгради политичка волја и одржливо политичко ангажирање на локалните власти за подобрување на демократското локално владеење и зајакнување на локалните ромски заедници. Претставува заедничка програма на Европска Унија - DG Near и Советот на Европа и сe имплементира од тимот на Советот на Европа за Роми и Патувачи (Номади) и Канцеларијата на Генералниот Директорат на Програмите во земјите на западен Балкан и Турција.
Во нашата држава како национален партнер е Министерството за труд и социјална политика, а одговорни за имплементација на програма се Програмската Канцеларија на Советот на Европа во Скопје и Асоцијацијата за Демократски развој на Ромите СОНЦЕ - Тетово. Програмата, официјално, беше лансирана на 19 март 2018 во Скопје и ќе трае до 30 април 2020 година. Во програмата се вклучени следните 12 Општини: Берово, Битола, Велес, Виница, Гостивар, Дебар, Кичево, Кочани, Прилеп, Струмица, Тетово и Штип.
На координативниот состанок беа поканети и претставници на амбасадите, кои иако потврдија, не беа присутни на настанот.
Повеќе информации може да се најдат на следиот линк: www.coe-romacted.org
Автор: Хадис Реџепи