Новости
Владата го одбележа Светскиот ден на ромскиот јазик
- Детали
- Објавено: Петок, 09 Ноември 2018 21:07
- Посети: 1287
Светскиот ден на Ромскиот јазик, свечено, беше одбележан и од Владата на Република Македонија.
Во своето поздравно обраќање, премиерот на Република Македонија, Зоран Заев го честиташе празникот со следниве зборови „Нека ни е честит празникот. Велам нека ни е честит, а не нека Ви е честит, затоа што причината за славењето на вашата посебност е причина за славење за сите нас“, подвлече Заев.
Според него, концептот на општество еднакво за сите е принцип со кој Владата на Република Македонија се води во своето работење. Својот говор премиерот го затвори со ромските зборови „Oven saste!“.
Освен Заев, на свеченото одбележување говореа и Аксел Ахмедовски, министер без ресор во Владата на РМ и имплементатор на Националната стратегија за Ромите во РМ; Самка Ибраимовски, пратеник во Собранието на РМ; Арбер Адеми, министер за образование и наука; министерот за култура Асаф Адеми; како и пратеникот во Парламентот на Република Хрватска, Вељко Кајтази. Тие дадоа краток преглед на ромската јазик, историја и култура и ги истакнаа активностите кои ги преземаат во рамки на своите надлежности за промоција на ромскиот јазик и култура и зајакнување на положбата на Ромите.
Министерот Ахмедовски додели и плакети за успешна соработка на повеќе граѓански организации, меѓу кои и на Здружението на граѓани „Ромаверзитас“ за исклучителна соработка во делот унапредување на состојбата на ромската заедница во РМ.
Во рамки на одбележувањето на овој значаен ден за ромскиот народ, во Владата на РМ беше организирана и изложба.
Ромскиот јазик потекнува од староиндискиот санскрит и е дел од индоевропското јазично семејство; има 36 гласови и секој глас има своја буква; има осум падежи: номинатив, генитив, датив, акузатив, вокатив, инструментал, локатив и аблатив. Првата граматика на ромскиот јазик во Македонија е напишана во 1980 година од страна на авторите Шаип Јусуф и Круме Кепески.