Ромаверзитас - со поддршка за развој кон лични и колективни еднакви пристапи и можности
Успешно се постигнати планираните резултати за академската 2017/2018
- Детали
- Објавено: Четврток, 04 Октомври 2018 19:42
- Посети: 4718
Проектните цели, резултати и индикатори за првата проектна година на проектот: „Ромаверзитас- со поддршка за равој кон лични и колективни еднакви пристапи и можности“, се успешно постигнати. Овој проект е идеа која започна од 2001 и континуирано се спроведува во Република Македонија за да ги унапреди состојбите на ромската заедница во однос на високото образование, интеграцијата во пазарот на трудот и останатите сектори во општеството. Овој проект веќе неколку години е финансиски поддржан од Ромскиот образовен фонд (РЕФ).
Со проектот, во академската 2017/18 година беа опфатени 98 студенти Роми, 46 матуранти Роми и околу 20 алумнисти на Ромаверзитас во рамки на пет проектни компоненти. Во рамки на првата компонента „Вклучување на матуранти Роми во високото образование“, 23 матуранти Роми беа професионално ориентирани и направија план за својата кариера преку креирање на индивидуални кариерни планови. Исто така, 46 матуранти Роми беа мотивирани и информирани за уписите на факултетите, како и беше мониториран нивниот прием. Сите информирани матуранти се успешно примени во универзитетите на РМ за академската 2018/19. Во рамки на втората компонента „ Академска поддршка и развој“, 17 студенти беа менторирани, 25 студенти беа туторирани и 31 студенти изнајмија литература за нивните академски потреби. Во однос на третата компонента „Личен и професионален развој“ студентите Роми посетија работилници за стекнување на академски вештини и вештини за истражување, 40 студенти и 5 алумнисти на Ромаверзитас посетија курс по странски јазици и 21 студенти посетија курс по компјутерска едукација. Исто така, во склоп на оваа компонента беа успешно спроведени практиканства на 3 студенти Роми и спроведено микроистражување од тим на двајца студенти Роми и нивен ментор алумнист на Ромаверзитас. Во четвртата компонента „Младинско учество, волонтеризам и активизам“ беа избрани двајца претставници на студентите корисници на проектот кои одржуваат редовни состаноци со студентите и беа креирани три броја од е-весникот Рома Индекс. Во последната компонента „Зајакнување на ромскиот идентитет“ беше одржан курс по ромски јазик, култура и историја во кој учествуваа 32 студенти и алумнисти. По повод 8 април – Меѓународниот ден на Ромите беа оддржани два настана, едниот „Ромите во Република Македонија“ во Собрание на РМ и другиот „Ораторски настапи“ во Македонскиот народен театар.
Сите овие постигнати резултати за првата проектна година од проектот: Ромаверзитас со поддршка за равој кон лични и колективни еднакви пристапи и можности, беа промовирани на настан кој беше одржан во ГЕМ Клуб, на 02 октомври 2018.