Биди дел од заедницата – Дебатирај!
“KO SIJAN TU?” – втора дебата од Ромаверзитас
- Детали
- Објавено: Четврток, 08 Ноември 2018 09:49
- Посети: 2438
По повод Денот на ромскиот јазик, студентите Роми дебатираа на тезата „Развивањето на ромскиот јазик е главен детерминатор за развојот на ромскиот идентитет“. Ова е втора дебата од проектот „Биди дел од заедницата – дебатирај“ на организацијата Ромаверзитас, проект финансиран од Фондација Отворено Општество - Македонија. Студентите, на дебатата организирана на 2 ноември годинава, говореа на ромски јазик со што изразија почит кон својот идентитет.
Според афирмативниот тим, ромскиот јазик е главен детерминатор на ромскиот идентитет. Од друга страна, со свои аргументи, негацискиот тим ја отфрли оваа теза, дефинирајќи го ромскиот идентитет главно како збир од култура, историја, традиција, обичаи, празници, музика, традиционална облека, начин на живеење и слично. Притоа, во тимот што го афирмираа јазикот беа Шајан Нука, Алмира Фаслии, Надир Усеин и Орнела Гани, додека Џемилијана Абдулова, Ариф Адеми, Руфат Демиров и Мухамед Етем беа дел од негацискиот тим. Настанот го модерираше Даниел Петровски.
Како резултат од дебатата произлегоа низа препораки, кои во иднина можат да послужат како патокази за креаторите на политики кои ги засегаат Ромите, а се однесуваат на ромскиот јазик и култура. Дел од препораките се:
-Бирото за развој на образованието да донесе програми за седмо, осмо и деветто одделение за предметот „Јазик и култура на Ромите“;
-Министерството за култура да одвои буџет за литература на ромски јазик;
-Ромскиот јазик да се кодифицира на светско ниво;
-Зборувачите на ромскиот јазик да работат на збогатување на својот вокабулар и да го споделуваат своето знаење и со оние кои не го знаат ромскиот јазик;
-Министерството за образование и наука да спроведува истражувања за ромскиот јазик;
-Да се формира институт за ромски јазик;
-Ромските невладини организации да даваат курсеви по ромски јазик, култура и историја, како и да ги информираат родителите на учениците Роми во основните училишта за правото нивното дете да го изучува ромскиот јазик како изборен предмет;
-Да се зголемат кадрите за учители и професори по ромски јазик;
-Да се промовира ромската култура;
-Да се одбележува денот на ромскиот отпор 16 Мај и денот на геноцидот врз Ромите 2 август;
-Министерството за култура да финансира неформални театарски групи кои ќе ја промовираат ромската култура;
-Министерството за образование и наука да овозможи да се додадат содржини за ромската култура и историја во учебниците за основно и средно образование;
-Да се организираат настани каде ќе се промовира ромската музика и фолклор;
-Ромските невладини организации да го зголемат бројот на младински размени каде роми од различни држави ќе имаат можност да се запознаат и да разменат искуства;
-Да почне да се реализира проектот за изградба на дом на култура во Општината Шуто Оризари каде во иднина би се организирале настани што би го зајакнале ромскиот идентитет.
Целта на студентите е да се влијае врз јавното мислење и врз креаторите на политики, со што би се развил ромскиот идентитет и формалното креирање политики би се одвивало во оваа насока.
Автор: Руфат Демир