Биди дел од заедницата – Дебатирај!
Дебата на теза „Мала е подршката која ја добиваат жените Ромки во намалување на семејното насилство“.
- Детали
- Објавено: Четврток, 28 Февруари 2019 09:23
- Посети: 1758
Во просториите на хотел „Континентал“ на 17 февруари (недела) 2019 година се оддржа петтата дебата како дел од проектот „Биди дел од заедницата - дебатирај!“ на Ромаверзитас, финансиран од Фондација Отворено Општество-Македонија.
Дебатата беше на теза „Мала е подршката која ја добиваат жените Ромки во намалување на семејното насилство“.
На дебатата се делеа мислења за: состојбата со семејното насилство и последиците врз жената Ромка, дали се потребни дополнителни политики од страна на државата за да се намали оваа појава и во кого лежи примарната улога во решавање на овој проблем, во државата, невладиниот сектор или во заедницата.
Дебатерите, Тања Крстевска, Алмира Фаслии, Ариф Адеми и Орнела Гани како афирмативци и Ферзије Асановска, Ајџан Маликоска, Џенгис Бериша и Надир Усеин како негациски тим, дадоа свои препораки за тоа што треба да се направи од страна на жените, невладиниот сектор и државата со цел да се намали семејното насилство и жената Ромка да ја добие потребната поддршка.
Препораките кои беа издвоени од оваа дебата што ги предложија афирмативниот и негативниот тим се:
- Полицијата и судството да ги почитуваат законските мерки во однос на времето кога треба да се изречат и спроведуваат заштитните мерки за жртвите од семејно насилство. Ако не се испочитува времето, МВР и Министерството за правда да им даде дисциплински мерки на службениците поради непрофесионалност.
- Да има задолжителни и континуирани обуки на полицијата за сензибилизација во врска со семејното насилство, но и со родовобазираното насилство, начинот на прием на жртвата и постапувањето при семејно насилство, спроведувањето на мерките и итноста на постапките со цел навремена заштита на жртвите.
- Агенцијата за вработување на РМ да ја извршат законската обврска да им најдат работа на жртвите од семејно насилство. Социјалните центри да водат евиденција дали АВРМ им нашле работа на жртвите. Ако не, да пратат жалби до министерката од МТСП.
- Да се креираат политики за доедукација на жената и поттикнување на претприемништво кај жените Ромки.
- Држават да дава субвенции на компаниите кои ќе ги вработат жртвите од семејното насилство.
- Да има кампањи по ромските медиуми за да се охрабуваат да ги пријават насилствата. Да се информираат што сè државата и здруженијата на граѓани може да им помогнат.
- Да се дополни Законот за парнична постапка и да се даде рок од еден ден кога судовите ќе добијат полициски извештај за семејно насилство веднаш да ги дадат предлозите за извршување како што се сместување во заштитен дом и забрана за приближување на насилникот.
- Да се промовираат позитивните страни од работењето на двајцата брачни другари колку тоа допринесува за добробитот на семејството.
- Децата кои имаат семејни проблеми да ги детектираат педагозите и психолозите од училиштата и да имаат работилници со нив за тоа што е правилно однесување во семејството и не е правилно.
- Да се организираат средби со насилниците на кои ќе им се дава психолошка поддршка и едукација за етички норми.
- Да се делат брошури во сите ромски заедници за родова еднаквост и не треба да постои семејно насилство. За прекршување на правата кои санкции се даваат на сторителите.
- Да се водат емисии кои се избори ги имаат жените Ромки, кои опции ги нуди општеството за различните состојби во кои би се наоѓале.
- Да се креира приватна ромска агенција за посредување при вработување кои ќе можат да ги подготват жените во стекнување на вештини за барање работа.
- Ромските семејства да размислуваат дека имотот треба да се дели на сите деца. Зашто девојчињата можат да имаат проблеми во брачниот живот и ќе немаат место каде што би можеле да го продолжат својот живот при такви проблеми.